Звонко Пекевски
Денеска, во беровското село Ратево ја продолжуваме традицијата ,,Ратевски Бамбурци", која на 20 јануари, секоја година се организира, по повод христијанскиот празник, Собор на Св.Јован Крстител.
Присуствував на настанот, кој и покрај лошите временски услови, продолжува да ја негува вековната традиција и да го тера злото од с. Ратево.
Преточена во карневал, како дел од долговековната традиција, Бамбурците како исконски јунаци, излезени од некоја митолошка разгледница и оваа година, беа главните протагонисти на селскиот мегдан во с.Ратево.
Ратевски Бамбурци годинава се посветени на еден од членовите на групата, кој несреќно го изгуби животот,
па наместо зурли и тапани, годинава имаше страшен тропот на ѕвонци од бес, за големата загуба на како што рекоа, едно прекрасното чедо, дете, брат, другар. Со зборовите ,,Вечна ти слава Бојан- засекогаш ќе живееш во нашите срца " му одадоа почит на својот поранешен член.
Настанот како што истакна претседателот Драган Аговски, е во организација на здружението Ратевски Бамбурци, кое ги организира со помош на месната заедница, Општина Берово и општествено одговорни фирми, кои го помогнаа, годинешното издание на карневалот.
-Традиционално секоја година на 20 јануари се организира карневал, маскирање во кожи од животинско потекло и маски со рогови, иако временските услови годинава се лоши, цела ноќ врне дожд, традицијата продолжува. Карактеристично за Ратевски Бамбурци е што ова е традиционална маска, учествуваат само машки во маскирањето, доколку се забележи девојка, се растура и се црни по лицето. Она што исто така е карактеристично, како што може да забележите е црнењето , кое го симболизира здравјето и така останало од постарите а продолжува да се негува со векови.
Како членки на Европското карневалско семејство, во минатото, маската ратевски Бамбурци учествува на повеќе карневали на Балканот, меѓутоа поради корона пандемијата и сплет на други околности, се надеваме дека од догодина карневалот повторни ќе има Меѓународен карактер со учество на групи од Словенија, Бугарија кои учествуцале во Ратево низ годините наназад, додаде Аговски.
Еден од маскираните учесници додаде дека маскирањето на Бамбурците почнува после полноќ на Водици, кога детските и возрасните групи се собираат заедно.
-Имаме големи групи и мали групи, и носиме претежно овчи кожи. Ова во Ратево постоело и ќе постои. Повеќе не може да кажеме, бидејки временската состојба не е добра, а преку годините знаете имаше повеќе маски и од други градови и држави, вели еден од маскираните учесници во традицијата.
Во рамки на карневалот Ратевски Бамбурци беше отворена и изложба на фотографии од Ратевските Бамбурци, Југослав Белада.
