Ivon Velichkovski
Изборот е етничко "единство" според потребите на партиите или единство на нацијата за ЕУ-интеграција, економија и борба со корупцијата
Откако летово проба да ги блокира ЕУ-преговорите, а сега уставните измени, повиците на Мицкоски за "единство на Македонците" во најмала рака се задоцнети, ако не и лицемерни.
Таравари, со кого лани тој и Апасиев правеа "ново мнозинство", сега немаше да оди кон Владата на Ковачевски, ако Мицкоски:
- не останеше против дополнување на уставната Преамбула, и
- не ја прифатеше реториката на југо-македонистите во своето опкружување, стеснувајќи си го просторот за политичко дејствување и соработка.
Накратко, со изгласани наместо со уставни измени за партиска диференцијација веќе ќе имаше ново или мнозинство за распуштање на Собранието.
Притоа логични заклучоци се дека ВМРО-ДПМНЕ:
- баш и не би да е на власт за да се справува со очекуваната економско-енергетски тешка зима и
- знае дека ако Владата успешно се справи со предизвиците и СДСМ и ДУИ се отворат кон општеството, анкетите до март ќе се различни од денешните.
Но затоа ист ефект имаат и тековните пораки на Ахмети за "единство меѓу Албанците", коишто паѓаат во вода штом неединството во своите редови ќе проба да го суплементира со АА.
Оттука доаѓа и за сега млакиот одек на повиците на Ковачевски за "единство" по ЕУ-агендата на земјата.
Сите знаат дека ЕУ-перспективите се достижни, а сепак далечни без:
- борба со корупцијата,
- владеење на правото и
- подобрување на животниот стандард...
...и дека Владата не ќе биде повеќе проевропска ако оди по наследената кадровска и "Отворен Балкан" матрица од кабинетот на Заев.
Да се потсетиме и дека "единството" замислено по терк на партиските кабинети во неколку наврати се покажа штетно и по Македонците и по сите:
- Георгиевски со Црвенковски имаа "единство" за моделот за приватизација во првото Собрание. Последиците ги знаеме и се уште ги чувствуваме.
- Груевски со Црвенковски и Мицкоски со Заев имаа "единство" за референдум за името, но 2018 остана само обид за перење одговорност на партиите и не доподели особено нас, Македонците.
- Мицкоски и Апасиев постигнаа "единство" за бојкот на Пописот. Потоа бојкотот делумно и предоцна го напуштија, но штетата беше направена.
Ова е предупредување во состојбава кога партиите останати без суштински теми вон "висока политика", "голема слика" и дневни дози афери се враќаат на реториката на анти-политика и стари поделби - обесмислувајќи го токму "единството" на кое повикуваат.
И всушност произведуваат меѓупартиско "единство" за - превенција на борбата со корупцијата.
Корупцијата тргнува од јавните пари и буџети и се прелева од оние што ги распределуваат врз оние што ги користат:
- преку тендери со износ зголемен за вкалкулираната провизија, како висока корупција и
- преку плата од буџетот овозможена од партија, како "клиентелизам во секое семејство",
- до кеш "да се почестите нешто по дома", како корупција на основно ниво.
Тоа политиката ја сведува само на борба кој да го крчми буџетот и за претставување на корупцијата како "помало зло" и "традиција".
За да не се каже дека во корумпиран систем нема економија.
И за да не се вознемират елитите кои не знаат за пазарно стопанство без буџетска поддршка.
Затоа, можам да ве повикам само на единство во борба против корупцијата. И против тие што ја
надградија овие 30 години. Се друго е фарса.
Како граѓани се препознаваме во сликава, нели?
