Oliver Spasovski
Во интервју за грчка „Та Неа” разговаравме за зајакнувањето на билатералната соработка со Грција, за регионалните безбедносни прашања, но и за ЕУ перспективата на земјава.
Во сегашните околности, членството во ЕУ е важно не само за Северна Македонија, туку и за целиот регион, а на прашањето дали пристапот станува поитен и како порака за ревизионистичките политики и како одговор на Русија, истакнав дека Европската Унија треба да ги прифати Албанија и Северна Македонија како дел од нејзината стратегија, а не како одговор на никаква политика, бидејќи ние како регион припаѓаме во Европската Унија.
Меѓународниот организиран криминал, тероризмот, илегалната миграција претставуваат предизвици кои ги засегаат не само нашите земји, туку и земјите од целиот регион и Европа, при што од особено значење се двата договори со Грција, едниот за полициска соработка во борбата против организираниот криминал, а другиот за договор за реадмисија, за кои разговаравме со мојот грчки колега министерот за заштита на граѓаните, Панајотис Теодорикакос, за време на работната посета во Атина.
Во однос на билатералната соработка во контекст на руската агресија врз Украина, важно е да се продолжи и во областа на безбедноста за стабилност во регионот. Истакнав дека се договоривме дека ќе имаме размена на информации и податоци на дневна основа со цел заштита на регионот. И двете земји, како членки на НАТО делиме исти вредности и исти можности за зајакнување на нашата соработка со цел стабилност на регионот.
Нашиот регион е од посебно стратешко значење, што е предност, но ни носи доста предизвици. Секоја земја мора да биде посветена на одржување на мирот и стабилноста за граѓаните.
Осврнувајќи се на прашањето за илегалната миграција, потенцирав дека во моментов има намалување на протокот во двете земји, а војната во Украина принуди многу луѓе да ја напуштат земјата, прашање што беше покренато и на Министерската конференција во Атина, при што сите земји учеснички се согласивме дека сме подготвени да примиме бегалци од Украина на своја територија.
