Sweet 40+
По медиумите се пишуваа многу работи околу настапот на српската претставничка на Евровизија, Констракта, а помеѓу другото, беше посочено дека за настапот посакала да има еден југословенски производ - култните „Боросани“. Иако со тешка мака, како што ќе изјави самата, сепак успеале да ѝ донесат еден пар од Хрватска и таа настапи токму во „Боросани“.
Во еден период и најпопуларните југословенски обувки. „Родени“ во 60-те години во близината на Вуковар, во производствените погони на фабриката „Борово". Биле дизајнирани во соработка со ортопеди, со цел да му овозможат максимална удобност на стапалото. Затоа и биле омилените (иако можеби не најлични на изглед, но најпрактични) на работничките во фабриките, продавачките, медицинските сестри, жените кои голем дел од работното време го поминувале на нога.
Биле рачно изработувани од платно, со отворени прсти и петици. На почетокот се појавиле во тегет верзија, па бели, па дури во 80-те добиле и црна верзија. Својата најголема популарност ја доживуваат кон средината на 70-тите и почетокот на 80-тиите. Во текот на една смена, значи осум работни часа, се произведувале дури 1.000 чифта, што на годишно ниво значело преку 500.000 чифта.
Кој би рекол дека некогашните женски работнички обувки што беа лансирани на социјалистичкиот пазар како медицински и ортопедски обувки, женските работнички обувки што се продавале со рекламниот слоган „Rad je odmor cijeloga dana u obući borosana“, ќе станат моден хит на 21. век.
Сте носеле ли „Боросани“ дами? Би ги носеле ли повторно?
