Миленко Неделковски
Свет оче Василиј, силен помошнику и милосрден заштитнику, почуј ги и сега нашите молитви, солзи и воздишки. Како добар пастир што ги бара залутаните овци и за нив страда, собери нѐ околу твојот кивот и со твоите чудотворни поуки поучи нѐ да ти благодариме и да Го славиме Отецот Небесен. Нашите души во пороци се мачат, но и плачат како заблудениот син што од својот татко прошка барал, но и како жената што откако се препнала ги признала своите гревови. Согрешивме многу, од знаење и незнаење согрешивме, со горди мисли и себично срце, со дело и збор, но и со неправење на многу добри дела. Затоа, погледни на нас ранетите и во гревот изобличените. Погледни и ублажи ги нашите болки и страдања на душата и телото, и дарувај ни го изгубениот мир, братската љубов и радоста небесна. Те молиме, повикај ги сите светии од нашиот род, сите свети маченици, праведници и преподобни, и заедно со нив моли Го Господа, Кого во Пресвета Троица Го славиме, да ни подари прошка на гревовите и да нѐ спаси од адската погибел, та покаени и поучени да можеме тебе да те величаме, и со тебе да Го славиме беспочетниот Отец со единородниот Син и живототворниот Дух, сега и секогаш, и во вечни векови. Амин
